Трамп продолжува со изборните активности

Американскиот претседател Доналд Трамп

Американскиот претседател Доналд Трамп ги соопшти неговите планови за продолжување на кампањата за претседателските избори. Најпрвин денеска ќе се одржи настан во Белата куќа, а потоа ќе следи митинг во Флорида на 12 октомври. Трамп на 1 октомври беше дијагностициран со коронавирус што го принуди да помине три дена во болница и да ја прекине неговата кампања.

Тој се врати во Белата куќа на 5 октомври и беше активен на Твитер и објавуваше видеа од неговото опоравување. На денешниот настан е предвидено Трамп да се обрати на толпата од терасата на Белата куќа. Бројката на луѓе кои ќе присуствуваат на настанот не е објавена, а присутните ќе треба да носат заштитни маски и да ги почитуваат здравствените протоколи.

Белата куќа не соопшти дали Трамп сега е ослободен од вирусот, но неговиот лекар на 8 октомври изјави дека тој ја завршил терапијата и дека од денеска може да се врати на јавните ангажмани. Трамп во радио интервју вчера рече дека тој можел многу да се разболи и да не се опорави без експерименталниот лек.