МЗ: Граѓаните да бидат одговорни

Венко Филипче

Министерството за здравство денеска испрати апел до сите граѓани да бидат одговорни и совесни, да ги почитуваат мерките за заштита од ширење на ковид-19. Според министерството, ова се мерки со кои се заштитува сопственото здравје, но и здравјето на сите околу нас.

„Носењето на заштитна маска, одржувањето на физичко растојание од два метри и честото миење на раце – одржување хигиена се клучни во борбата со коронавирусот. Ова се единствените мерки кои можат да го спречат ширењето на вирусот“, соопштија од Министерството.

Нови 386 заразени од корона, 6 лица починале

Оттаму потсетуваат на изјавата на министерот за здравство, Венко Филипче дека согласно епидемиолошката слика и анализите на Институтот за јавно здравје и Комисијата за заразни болести, донесена е одлука за препорака до Владата за нови мерки со цел спречување на понатамошно ширење на ковид вирусот.

„Состојбата со вирусот е многу сериозна, токму онака како што со месеци најавувавме дека може да се случи. Европа и светот постепено се затвораат со силни рестриктивни мерки кои е очигледно дека не може да ги избегне ниту една земја. Како ќе се развива состојбата кај нас, во која насока ќе се движиме, колку брзо ќе го стабилизираме и овој удар зависи само од една работа, а тоа е однесувањето на граѓаните и почитувањето на сите мерки и препораки кои се на сила,“ изјави Филипче.