Шефот на дипломатијата Бујар Османи денеска ќе престојува во работна посета на Република Бугарија и ќе оствари средба со бугарскиот премиер Бојко Борисов и заменик-претседателката на Владата за правосудна реформа и министер за надворешни работи, Екатерина Захариева. Посетата, како што соопшти МНР, претставува прва билатерална посета на министерот Османи и е во духот на пријателството, добрососедството и соработката меѓу двете земји и интензивирањето на политичкиот дијалог.
Барањето на Софија- отежнување на македонскиот пат кон ЕУ
Министерот Османи со премиерот Борисов и со Захариева ќе разменат мислења за напредокот на регионот во процесот на европската интеграција, како и за активностите кои и претстојат на Република Северна Македонија, напредокот на реформскиот процес и одржувањето на првата Меѓувладина конференција и формалното започнување на пристапните преговори со ЕУ до крајот на годината, за време на германското претседавање со Советот на Европската Унија.
Заев: Идентитетот е самоопределба, не очекувам бугарска блокада
Како ко-претседавачи со Берлинскиот процес, министерот Османи со својот домаќин, министерката Захариева ќе ги разгледаат досега преземените и идни ангажмани во пресрет на состаноците и Самитот на Берлинскиот процес кој ќе се одржи на 10 ноември во Софија, се наведува во соопштението на МНР и се додава оти ќе се разговара и за актуелните состојби во регионот, регионалната соработка и други значајни меѓународни теми. Посетата на Османи на Софија е претходница на средбата на премиерот Зоран Заев и неговиот бугарски колега Бојко Борисов што треба да се случи пред 10 ноември, односно пред одржувањето на Берлинскиот процес.