Мицкоски бара оставки поради бројот на заболени со корона

Архивска фотографија- прес-конференција на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски

Поради денешниот рекорд во бројот на нови случаи на инфицирани со коронавирусот во Македонија, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски побара оставки.

„Што уште треба да се случи за да почнат оставки и промени во политиките на владата? Или ќе ѝ се стави крај на неспособноста на мафијата која убива, или ќе се дозволи целото население да се зарази со Kовид. 775 семејства досега останаа без свој близок, затоа што Владата на Заев сметаше дека блеска, тогаш кога нивната неспособност да се справат со заразата, одземаше животи“, напиша Мицкоски на социјалната мрежа Фејсбук.

Инаку, во последните 24 часа направени се 2140 тестирања за Ковид19, а позитивни се 364 луѓе. Од нив најголем број во Скопје 184, а двоцифрени бројки имаат: Струмица 21, Тетово 19, Кочани 17, Куманово и Штип по 13, Прилеп 12, Свети Николе и Радовиш по 11 и Битола 10. Починати се три лица, а како оздравени за истиот период се водат 106 лица. Во Скопје во моментов има 1315 активни случаи од кои во Центар 241, во Аеродром 240, Карпош 214, Гази Баба 140, Кисела Вода 138 и Ѓорче Петров 104. Другите скопски општини имаат двоцифрени бројки активни случаи.

Комисијата за заразни болести предложи и три нови мерки- забрана за поголеми семејни собири, прослави и забави во домашни услови, односно едно семејство може да прими најмногу четворица кои не живеат на таа адреса, забрана за групирање на повеќе од четири лица на отворен простор (паркови, бензински пумпи и итн) по 22 часот и задолжително носење заштитна маска или покривка на лицето и при престој на отворено и во затворени простории.