Поглаварот на Руската православна црква, патријархот Кирил, е во карантин откако бил во контакт со лице заразено со коронавирус. На веб-страницата на Руската православна црква денеска беше објавено писмо од патријархот Кирил во кое тој објасни зошто не е во можност да учествува во молитвите по повод Денот на Свети Сергиј Радонежски.
„Со мое најдлабоко жалење би сакал да ве известам дека овој пат не можам да ја споделам радоста на молитвата со вас. Причината за тоа е мојот неодамнешен контакт со лице на кое му беше дијагностициран коронавирус. Мојот личен карантин сè уште не е истечен“, вели Патријархот во писмото и додава дека не сака да биде закана за здравјето на другите.
Заклучно со денешниот ден, бројот на регистрирани Ковид-19 случаи во Русија е 1,26 милиони, од кои 22.056 починале, а нешто повеќе од 1 милион оздравеле.