Ситуацијата остана напната и денеска околу регионот Нагорно Карабах по вчерашниот ден на тешки борби и по засилувањето на меѓународните напори за примирје меѓу ерменските и азербејџанските сили.
„Во текот на ноќта, состојбата во зоната на конфликт беше стабилна и напната“, објави портпаролот на ерменското Министерство за одбрана.
Ерменското Министерство за одбрана извести дека силите поддржани од Ерменија го одбиле нападот рано утрово, предизвикувајќи загуби кај противничките сили.
„Рано утрото во 8.30 часот непријателот се обиде да нападне, но губејќи три единици воена опрема и оставајќи повеќе од 20 мртви и ранети, со баталјонот избега од предградијата на Јебраил“, напиша портпаролката Шушан Степанијан на Фејсбук.
Откако избувнаа борбите на 27 септември, двете страни пријавија најмалку 250 смртни случаи, вклучувајќи десетици цивили. Се верува дека вистинската бројка е многу поголема, бидејќи обете страни тврдат дека нанеле големи воени жртви.