Министерството за образование и наука (МОН) денеска информираше дека од почетокот на учебната година досега во изолација се вкупно 53 ученици и 8 наставници.
Од вчеравечер во изолација се 10 ученици од второ одделение во ОУ „Кочо Рацин“ во с. Подареш, Општина Радовиш, откако нивен соученик е позитивен на Ковид-19. Засега во ова училиште нема наставници што се заболени или во изолација. Двајца наставници што работеле со физичко присуство во ОУ „Гоце Делчев“ и еден ученик се позитивни на Ковид-19, а 39 деца од истото училиште од вчера се превентивно во изолација. Другите три деца што се позитивни се индивидуални случаи - едно во тетовското училиште ОУ „Адрија Савески Ќиќиш“, едно дете во ОУ „Ванчо Прке“ од Штип, и едно во „Кирил и Методиј“ - Кочани.
Во овој момент дополнително се истакнува потребата од учење од далечина, односно од комбиниран модел на настава кој се применува во училиштата.
„Имено, шест од вкупно осум наставници не биле во директен контакт со децата, бидејќи предавањата ги држат онлајн. Дополнително, сите наставници и ученици што се во изолација преминуваат на учење од далечина, со што се обезбедува континуитет на образовниот процес“, стои во соопштението од МОН.
Оттаму повикуваат на почитување на заштитните мерки и протоколите.