Угостители и музичари пред Владата: Нашите протоколи се подобри

Протест на музичарите пред Влада

Претставници на ноќните клубови од земјава заедно со дел од музичарите денеска излегоа на протест пред Владата против најновите одлуки на Комисијата за заразни болести и на Владата за заштита од коронавирусот.

Според одлуката на Владата за новите протоколи, се забранува гостување на ди-џеи и пејачи, во угостителски објект ќе можат да седат само четворица луѓе на една маса и се ограничува музиката во рестораните и кафулињата на 55 децибели.

На протестот, кој почна со музика од импровизиран ноќен клуб пред Владата, угостителите идел од музичарите побараа средба со претставници од Владата за да им ги презентираат нивните барања.

„Нашиот сектор е сериозно погоден поради корона кризата. Бараме состанок на кој ќе ги претставиме нашите барања. Изминатиот период бевме опфатени со првиот пакет мерки, кој беше за платите на вработените. Но, бизнис што не работи, не може да има вработени. Ние сме дојдени до финансиски колапс. Нашите објекти исполнуваат услови и можеме да донесеме подобри протоколи за работа“, рече на протестот, Горан Арсовски, претставник на ноќните клубови од земјава.