Северна Македонија постигна добар напредок во однос на борбата против корупцијата, но сепак таа е распространета во многу области и треба да се обезбеди попроактивен пристап од сите чинители вклучени во спречувањето и борба против корупцијата е наведено во Извештајот на Европската Комисија за напредокот на земјава. Во него е наведено дека државата воспоставила механизми за обезбедување независност и одговорност на судството а во однос на борбата против организираниот криминал, законската рамка во голема мера е во согласност со европските стандарди и напорите за спроведување стратегии против организираниот криминал мора да продолжат.
„Судскиот систем на Северна Македонија има одредено ниво на подготовка, односно е умерено подготвено. Имаше добар напредок во спроведувањето на стратегијата за реформи во судството, притоа имајќи ги предвид „Итните реформски приоритети“ и препораките од Венецијанската комисија и Групата високи експерти за системски прашања за владеење на правото“, стои во Извештајот.
Сè уште се потребни напори за да се обезбеди систематско спроведување на ажурираниот акциски план на стратегијата за реформи во судството. Што се однесува до борбата против корупцијата, се наведува натаму во документот, Северна Македонија е умерено подготвена, а постигнат е добар напредок преку консолидирање на своето досие во истрагата, гонењето и судењето случаи на висока корупција.
„Продолжуваат напорите за натамошно процесуирање на случаите на Специјалното обвинителство и за утврдување одговорност за незаконското прислушување. Поранешната главна специјална обвинителка беше осудена во јуни 2020 година, со првостепена пресуда во таканаречениот „случај рекет“ во врска со наводно изнудување и злоупотреба на службената положба во врска со случај на Специјалното обвинителство. Корупцијата е распространета во многу области и треба да се обезбеди попроактивен пристап од сите чинители вклучени во спречувањето и борба против корупцијата“, стои во Извештајот.
Натаму се нотира дека земјава има одредено ниво на подготовка во борбата против организираниот криминал и дека законската рамка е во голема мера во согласност со европските стандарди и напорите за спроведување стратегии против организираниот криминал мора да продолжат.
Европската комисија наведува дека Северна Македонија е умерено подготвена во однос на реформата на јавната администрација, но останува од суштинско значење да се осигура почитување на принципите на транспарентност, заслуги и правична застапеност.