Се подготвува нов Закон за градба, според кој, во иднина, сите нови станбени единици ќе мора да се градат со приклучок за парно, информираа денеска Марко Бислимовски, претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, и Андреа Серафимовски, претставникот на Здружението на градители при Стопанската комора на Македонија.
„Во моментов според податоците кои ги добиваме од БЕГ, од 15 до 20 нови згради се направени без приклучок на системот на загревање со топлинска енергија. Тие очигледно решиле дека поекономично им е странарите да се греат на електрична енергија“, рече Бислимовски пред новинарите.
Серафимовски рече дека неговото Здружение веќе ги започнало преговорите со РКЕ за новиот закон, а следната недела ќе има и состанок со претставници на Министерството за транспорт и врски во креирањето на овој закон. Тој вели дека некои инвеститори сметаат дека им е поскапо за приклучување на ситемот на парно греење, но дека Комората „ќе направи се што е потребно за да им го олесниме пристапот, рече Серафимовски.