Триесетина бугарски историчари, научници, универзитетски професори и јавни личности со заедничко писмо до јавноста, насловено „Европа не нè разбира“, се изјаснија против меморандумот што Софија го испрати до земјите членки на Европската Унија (ЕУ) во кој се изнесени сериозни тврдења и црвени линии на патот на Скопје кон ЕУ.
Освен меморандумот, што Софија го испрати до Брисел, на крајот на минатиот месец Софија испратила и коментари на нацрт преговарачката рамка со Скопје и во самата нацрт рамка која се уште е во фаза на преговори. Бугарија со тие коментари, во кои Радио Слободна Европа има увид, се бара добрососедството да се третира како суштинско прашање, а македонскиот јазик да не биде дел од рамката.
Во писмото на бугарските интелектуалци, што денеска го пренесува „mediapool.bg“, тие инсистираат на „фундаментална промена на парадигмата во историското размислување“ и пишуваат дека не се согласуваат „Северна Македонија да се претстави само како земја што нe се справува со сопственото минато“, јави МИА. Според нив, Софија демонстрира застарени сфаќања и изнесува неодржливи и наивни тврдења против Северна Македонија.
Потписниците на заедничкото писмо сметаат дека меморандумот не ги рефлектира достигнувањата на голем број бугарски историчари во последните децении, а е неразбирлив и за Европа.
Според бугарските научници кои го потпишале писмото-петиција, тврдењата за датумот на раѓање на една нација и на јазик се научно неодбранливи и се спротивни на достигнувањата на историската наука, како и на општествените и хуманистичките науки воопшто.
„Тврдењето за заедничка историја до 1944 година, недвосмислено толкувано како бугарско, е неубедливо“, пишуваат научниците, вклучително и историчарите Стефан Дечев, Чавдар Маринов, Александар Везенков, политиколозите Димитар Бечев, Дејан Кјуанов, Ружа Смилова, културолозите Александар Кјосенова и Албена Хора, економистот Красен Станчев...