Во последните 24 часа во Хрватска се регистрирани 258 нови случаи на заразени со коронавирусот, а од нив повеќе од една четвртина се од главниот град Загреб. Во истиот период починаа пет лица со што вкупниот број на починати од коронавирус во Хрватска се искачи на 298, а на заболени 17 669.
Во Грција, пак, во последните 24 часа се регистрирани 267 нови случаи, а седум луѓе починаа со што бројката на заболени од почетокот на епидемијата досега изнесува 19 613, а на починати 405. Јужниот сосед одлучи и да ги продолжи рестриктивните мерки во обид да го спречи ширењето на коронавирусот до 12 октомври. Мерките меѓудругото предвидуваат забрана за продажба на храна на улица од полноќ до пет часот утрото, забрана за концерти на затворено и отворено, забрана за работа за кината и театрите, на свадба, крштевки и погреб,пак, може да одат најмногу 20 луѓе, а маските се задолжителни во затворен простор и на отворено каде што не може да се одржи социјална дистанца.
Во Македонија вчера беа регистрирани рекордни 243 нови случаи на ковид-19. По градови најмногу од новозаболените се во Скопје 98, а потоа следуваат Струмица 21, Прилеп и Свети Николе по 12, Куманово и Кочани по 11, Струга, Радовиш и Берово по девет и неколку други градови со помала бројка заболени. Со ова вкупната бројка на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 18602, бројката на оздравени пациенти е 15264, на починати е 753, а во моментов бројот на активни случаи во земјата изнесува 2585.