Министерството за одбрана на Азербејџан соопшти дека денеска преземале одмазнички мерки по како што тие го опишуваат ракетен напад од отцепениот регион Нагорно Карабах насочен кон азербејџанските градови Тертер и Горадиз во областа Физули.
"Во моментов ерменските вооружени сили извршуваат ракетен напад кон Тертер и Горадиз од територијата на Нагорно Карабах“, го цитира азербејџанскиот сервис на Радио Слободна Европа министерството.
Од таму наведуваат и дека азербејџанската армија презема возвратни мерки не наведувајќи за какви акции станува збор. Репортерот на Агенцијата Франс Прес, пак, кој се наоѓа на терен јавува дека утрово се слушаат експлизии во Степанакерт, главниот град на Нагорнио Карабах.
„Азербејџанските сили напаѓаат цивилни цели во Степанакерт со ракети“, тврди ерменското министерство за одбрана. Вчера азербејџанскиот претседател Илхам Алиев рече дека нивната војска зазема неколку села во борбите во Нагорно Карабах, нешто што не го потврдува ерменското министерство за одбрана кое соопшти само дека има тешки борби.
Ерменскиот премиер Никол Пашинијан вчера рече дека силината на нападите е без преседан додавајќи дека можеби го живеат најодлучувачкиот момент во нивната милениумска историја. „Денес, повеќе од кога било сме посветени да го браниме нашиот идентитет, татковина и нашите права“, рече Пашинијан.