Министерството за здравство информира дека во последните 24 часа се направени 1831 тестирања, а регистрирани се 243 нови случаи на ковид-19. По градови најмногу има во Скопје 98, а потоа следуваат Струмица 21, Прилеп и Свети Николе по 12, Куманово и Кочани по 11, Струга, Радовиш и Берово по девет и неколку други градови со помала бројка заболени. Починати се четири лица, едно од Прилеп, едно од Битола и двајца од Куманово. Три пациенти се починати во болница, еден вон болнички.
Денеска Институтот за јавно здравје регистрира 100 оздравени пациенти. Во Скопје има вкупно 891 активен случај, а сега пет општини во главниот град имаат над сто заболени. Прва е општина Аеродром со 144 заболени, а по неа е Центар со 142 активни случаи, по нив следуваат Карпош со 129, Кисела Вода 104 и Гази Баба со 102 активни случаи.
Вчера во Македонија, пак, беа регистрирани 225 нови случаи, па поради високата бројка министерот за здравство Венко Филипче на вонредна средба со комисијата за заразни болести ја разгледуваа ситуацијата и најавија дека по анализите викендов ќе излезат со нови предлог мерки. Од министерството денеска реагираа до информации во некои медиуми дека има одлука за нови рестриктивни мерки. Во соопштението се посочува дека викендов ќе се направи детална анализа на епидемиолошките податоци од прашалниците и врз основа на направената анализа ќе се заземе став дали се потребни мерки и следни чекори кои ќе бидат препорачани до Владата.
Инаку, досега во земјата се направени вкупно 193.652 тестирања на Ковид -19. Нема тестирања во рамките на скринингот. Вкупната бројка на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 18602, бројката на оздравени пациенти е 15264, на починати е 753, а во моментов бројот на активни случаи во земјата изнесува 2585.