Државната комисија за спречување на корупцијата денеска преку соооштение, за како што наведуваат да се надминат недоразбирањата настанати по презентирањето на Анализата за потрошените буџетски средства за апанажа, објаснуваат дека анализата е направена врз основа на податоци за исплатени средства за апанажа добиени од Собранието на РСМ.
„Исто така, сакаме да појасниме дека Барањето на ДКСК за наведените податоци е всушност циркуларно писмо кое, покрај до Собранието на РСМ е испратено и до повеќе од 100 институции. Очигледно дека само податоците од Собрание на РСМ се доставени во бруто износ, но за тоа немаше никакво објаснување во дописот“, наведуваат од комисијата.
Вчера претседателот на Собранието Талат Џафери во изјава за телевизијата Телма побара од членовите на комисијата до денеска да се извинат за изнесените наводи дека апанажата на пратениците изнесува 100.000 денари. Во спротивно, рече Џафери членовите на ДКСК се избираат од Собранието и тоа му дава право да бара одговорност од нив.
Оваа реакција на собранискиот спикер следуваше откако ДКСК соопшти дека вкупно 107 функционери користеле апанажа во периодот од 2014 до 2018 година по престанокот на функцијата, а од нив 29 доаѓаат од Влада, а 78 од Собрание. При тоа износот на апанажата за лицата кои биле на именувани функции во Влада изнесува околу 71.000 денари, а на оние кои им завршил пратеничкиот мандат износот е околу 100.000 денари.