Азербејџан и Ерменија подготвени за помош од групата Минск

Нагорно Карабах- наводно азербејџански вооружени сили пукаат ракети во Степанакерт, 2.10.2020

Азербејџанскиот претседател Илхам Алиев побара од Русија, Соединетите Американски Држави и Франција, односно таканаречената група Минск, која посредува во мировните напори за конфликтите во регионот Нагорно Карабах од 1990 година, да продолжи со напорите за разрешување и на сегашниот конфликт.

Денеска во интервју за Ал Џезеира Алиев рече дека мисли оти овие три земји треба да породолжат да работат за разрешување на конфликтот во Нагорно Карабах, но под услов да останат неутрални.

Коментарот на Алиев доаѓа ден откако ерменското министерство за надворешни работи го поздрави заедничкиот повик на групата Минск за итен прекин на непријателствата меѓу силите кои се борат во Нагорно Карабах. Исто така вчера Ерменија соопшти дека е спремна да влезе во мировни разговори кои би се одвивале преку ОБСЕ.

Инаку во сегашните судири во регионот се убиени повеќе од 200 луѓе, вклучувајќи и многу цивили. Во судирите беа употребени вооружени беспилотни летала, тенкови, хеликоптери и повеќеракетни системи - долж поголем дел од линијата што ги раздвојува етничките ерменски сили кои го контролираат Нагоро -Карабах од трупите на Азербејџан. Судирите се сметаат за најтежок чин на насилство од прекинот на огнот во 1994 година со кој заврши војната над спорната територија.