Училиштата и учениците да ги почитуваат препораките на Комисијата за заразни болести и одлуката на владината комисија за начинот на одржување на наставата, апелираше денеска Министерството за здравство.
„Препораките на Комисијата за заразни болести кои се однесуваат на почетокот на наставно-образовниот процес во оваа учебна година се темелат на анализи на актуелната епидемиолошка состојба и проекциите за можно влошување на состојбата со почетокот на есента“, се наведува во соопштението.
Според Министерството, најавите за бојкот на онлајн наставата и непочитување на протоколите е недозволиво и го отежнуваат целокупниот процес на справување со корона кризата.
„Сите одлуки кои ги носи комисијата се интерес на заштита на здравјето на учениците, наставниците и родителите. Доследното почитување на мерките и протоколите во сите сфери, вклучително и образованието, може да придонесе состојбата со епидемијата што поскоро да се стабилизира. Стабилна епидемиолошка состојба ќе овозможи да се зголеми бројката на деца кои би ја следеле наставата со физичко присуство. Апелираме на максимална сериозност и соработка од сите граѓани, пред нас е период во кој сите мора да бидат максимално внимателни“, се истакнува во соопштението на Министерствотто за здравство.
Учебната година за едни започна во училница, за други пред компјутер
Учебната година почна на први октомври. Учениците од прво до трето одделение можат да ја следат наставата онлајн или со физичко присуство, додека сите други само онлајн. Владата по препораката на комисијата даде согласност во околу 600 училишта во кои имаат помал број ученици и дозволува епидимиолошката состојба наставата да се одвива со физичко присуство.
Вчера, пак, во земјава беа регистрирани 225 нови случаи на ковид-19, а починаа шест лица, по што министерот за здравство Венко Филипче на итна средба со членовите на комисијата за заразни болести ја разгледуваа ситуацијата. Најавија анализи за викендов, по што ќе излезат со предлози за нови мерки.