Американскиот претседател Доналд Трамп е префрлен во болница, откако претходно беше потврдено дека е инфициран со ковид-19, соопштија од Белата куќа.
Белата куќа соопшти дека претседателот ќе помине неколку дена во болница. Трамп примил коктел од лекови, тој се чувствува уморно, но е добро расположен, и ќе биде сместен во Националниот воено-медицински центар Валтер Рид , соопшти Белата куќа.
„Од претпазливост, по совет на својот лекар и медицински експерти, претседателот ќе работи од претседателскиот кабинет во Валтер Рид следните неколку денови“, соопштија од Белата куќа.
Националниот воено-медицински центар Валтер Рид се наоѓа во Бетесда, Мериленд, во близина на главниот град.
Директорката за комуникации на Белата куќа, Алиса Фарах рече дека Трамп не му ги пренел своите овластувања на потпретседателот Мајк Пенс.
„Претседателот го има главниот збор“, рече таа, пренесува Би-Би-Си.
Трамп на 2 октомври изјави дека тој и првата дама Меланија Трамп се позитивни на ковид-19 и ќе се обидат да се опорават. Објавувањето дека се позитивни дојде само неколку часа откако беше соопштено дека Хоуп Хикс, постара советничка на претседателот , е позитивна на коронавирусот.Таа патуваше повеќе пати со Трамп оваа недела. Веста доаѓа само еден месец пред претседателските избори на 3 ноември.