Антикорупциска истражува злоупотреби на пари од ЕУ

Знамиња на ЕУ и на Северна Македонија

Државната комисија за спречување на корупција отворила предмет по анонимна пријава за злоупотреба на пари од фондови од ЕУ од европските програми како Еразмус плус, Еуридика од страна на директорот на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност Лидија Димова.

Нури Бајрами член на Антикорупциската комисија на денешната прес-конференција информира дека за овој предмет побарале информации и од МОН како основач на оваа национална агенција, од Државниот просветен инспекторат и Инспекторатот за труд.

„На 26 јуни, годинава добивме информации од МОН дека е спроведениот надзор и констатирани се финансиски неправилности, односно пропусти, материјална штета, по што од Министерството е поднесена кривична пријава до ОЈО“, рече Бајрами.

Државниот инспекторат за труд, меѓу другото, констатирал дека од директорката Димова биле склучени 107 договори кои произлегуваат од јавни повици за анализа, за ангажирање стручни советници, но констатирал дека постапките не се водени како што треба при склучување на овие договори.