Групацијата на игротеки при Сојузот на стопански комори денеска соопшти дека по седуммесечна пауза ќе почнат да работат игротеките според протоколите подготвени од Комисијата за заразни болести при Министерството за здравство, а прифатени од Владата.
„Многу подобро за сите нас е дејноста да продолжи и да се одвива во чиста средина, во контролирани услови со почитување на протоколите и преземање на ригорозни мерките за заштита на личното како и на колективното здравје“, изјави денеска Трајко Николовски, претседател на Групацијата за забавни, рекреативни и едукативни дејности.
Игротеките и едукативните центри беа затворени со владина уредба пред седум месеци и се меѓу последните дејности за кои се дефинираат правилата за отворање и работа. Во изминатиот период прославите на детски родендени се организираа, во небезбедни неконтролирани услови без работа на игротеките, што со носењето на протоколите се очекува да се надмине.