Формирана работна група за вработените кои не одат на работа

Артан Груби

Првиот вицепремиер во Владата Артан Груби денеска изјави дека е формирана работна група која ќе ги систематизира вработените по Рамковен договор, кои не се распоредени и оти се размислува за закон за овие лица.

„Тоа е дел од нашиот коалициски договор помеѓу ДУИ и СДСМ за систематизација на сите вработени по Рамковен договор по Програмата К-5 кои беа вработени низ годините за да се подигне адекватната и правичната застапеност на сите заедници во институциите на државната администрација и во јавниот сектор. Договорот ќе го имплементираме, ќе ги систематизираме сите тие луѓе коишто сакаат да работат и коишто очекуваат да бидат систематизирани. Во моментов формиравме работна група за да ги анализираме нивните стручни подготовки колку имаме економисти, правници, ИТ-инженери, колку се со средно образовани за понатаму со МИОА да најдеме по систематизацијата што тие ја имаат за целиот јавен сектор да ги најдеме празните места“, изјави Груби.

Нереални рамковни вработувања за реална застапеност

Груби не очекува овој процес да заврши до крајот на годината. Во однос на предлогот за етничко субвенционирање на вработување во приватни компании, вицепремиерот вели дека нема донесено одлука за ваква мерка. Во моментов, потенцира тој, не постои мерка, отворена е дебата за да се види како би било најдобро сите да се чувствуваме еднакви во нашето општество.