Секој трет склучен договор за итните јавни набавки поврзани со коронавирусот се преговарал само со еден понудувач, постојат значајни разлики во цените на набавените маски, скафандери и ракавици, а дел од договорите не содржат прецизен опис на производите што се набавуваат, што остава простор за злоупотреби при реализација на договорите, покажал мониторингот на итните јавни набавки спроведен од Центарот за граѓански комуникации.
Во 68 проценти од склучените договори за итни јавни набавки склучени за заштита од коронавирусот е прекршена законската обврска да се објават договорите во рок од десет дена од потпишувањето.. Во првите шест месци од кризата склучени се договори во вредност од 6,7 милиони евра. Една третина од тие договори ги направило Министерство за внатрешни работи (МВР) кое со 2,2 милиона евра води според износот на склучените договори. Речиси половина, односно 43 отсто од вредноста на сите тендери им припаднале на само пет фирми.
Во сумарниот извештај на ЦГК стои дека покрај МВР, останатите институции со најголема вредност на набавки поврзани со коронавирусот се Министерството за здравство, Универзитетската клиника за трауматологија, Градската општа болница „8 Септември“ Скопје и Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ).
Прва на листата со склучени највредни договори за итни јавни набавки е прилепската фирма „Гифти текс“, за набавка на маски за потребите на министерствата за внатрешни работи и за одбрана. Следни, со позначаен износ на склучените договори, се скопските фирми „Биотек“ и „Соникс Анастасија“, а во првата петорка, но со помали износи, влегуваат и скопски „Алкалоид“ и кавадаречката „Лиса-Ком МС“.
Според истражувањето, големи разлики во цените од институција до институција има кај сите производи што се набавуваа во кризата: маски, ракавици и скафандери. Кај маските, освен големите разлики во цените во зависност од видот на маската, големи разлики има и кај цените на маските од ист вид. Институциите купувале 16 различни видови маски. Најскапо платена е маска од видот „FFP2“ – 448 денари по парче, а најголеми разлики во цените за еден ист вид маски имало кај „респираторните маски N95“, коишто се движат од 66 до 313 денари за маска. Кај „заштитните скафандери за еднократна употреба“, цените се движат од 177 денари до 1.156 денари по скафандер.