Канада и Велика Британија воведоа санкции за Белорусија

Претседателот на Белорусија, Александар Лукашенко.

Канада и Велика Британија соопштија дека ќе воведат санкции за неколку високи функционери во Белорусија, вклучувајќи го и лидерот Александар Лукашенко, при што меѓународниот притисок врз властите продолжува да се зголемува по спорните претседателски избори минатиот месец и насилството на полицијата врз членовите на опозицијата, медиумите и демонстрантите.

Двете држави објавија заеднички санкции, кои вклучуваат забрана за патување и замрзнување на средствата за, како што наведоа, да се испрати јасна порака до насилниот и измамнички режим на Лукашенко.

„Ние ќе ги повикаме на одговорност, одговорните за насилството против белорускиот народ и ќе се залагаме за нашите вредности на демократијата и човековите права“, рече секретарот за надворешни работи на Велика Британија, Доминик Рааб.

„Од лажните претседателски избори во август 2020 година, Владата на Белорусија спроведе систематска кампања на репресија и насилство против јавните протести и активностите на опозициските групи“, додаде Министерството за надворешни работи на Канада.

Најавата за санкциите доаѓа откако денеска францускиот претседател Емануел Макрон вети дека Европа ќе помогне во посредувањето на политичката криза во Белорусија по средбата со лидерот на опозицијата, Светлана Циханускаја во Литванија.