Груевски доби 1,5 година затвор, Јанакиески условна за „Шамарите во Центар“

Миле Јанакиески на изрекување на пресудата за „Насилство во Центар“, Скопје, 28 септември 2020

Поранешниот премиер Никола Груевски и поранешниот министер Миле Јанакиески денеска се прогласени за виновни во случајот „Насилство во центар“. Груевски е осуден на казна затвор од една години и шест месеци, а Јанакиески на условна казна затвор.

Овој случај беше отворен за насилството што се случуваше на протестите на 7 и 10 јуни 2013 година пред просториите на Општина Центар. Според обвинителството, протестите ги организирал врвот на ВМРО-ДПМНЕ, а целта не била да се спречи уривање на црквата „Свети Константин и Елена“ на улица „Македонија“, како што се прикажуваше, туку да не дојде до промена на ДУП за „Мал ринг“.

Случајот во јавноста стана познат и како „Шамарите од Центар“ и „Шамари за Жерновски“ по објавувањето на прислушуваните разговори во кои, наводно, Груевски вели „на протестот да му се удрат 3-4 шамари на градоначалникот Жерновски“. Тој веќе подолг период е во бегство, односно доби азил во Унгарија и, според најавите од Министерството за правда, се чека ново барање за негова екстрадиција.

Обвинителката Фатиме Фетаи, која порано беше дел од СЈО кое го отвори овој случај, бараше највисоки мажни казни за Јанакиески и Груевски, додека одбраната на Јанакиески бараше негово ослободување. Претходно, по прочистувањето на обвинителниот акт, од обвинение беше одлободена поранешната пратеника Даниела Рангелова.

Обвинителката Фетаи, по пресудите за „Насилство во Центар“, изјави дека Обвинителството ќе се жали на пресудите, бидејќи не се задоволни од изречените казни.