Специјалните обвинители од поранешното СЈО добиле додатоци во 2015 година поголеми од нивните плати, а во период од јануари 2016 до септември 2019 година по основ на надоместоци за почитување на принципот на тајност добиле вкупно 282.896.000 денари односно околу 4,6 милиони евра, за кои нема законско покритие, утвридил државниот ревиозор.
Како што денеска соопшти денеска Државниот завод за ревизија (ДЗР), ова било заклучено по извршената ревизија на усогласеност во СЈО во за периодот 2015 – 2019 година за „Плати и додатоци на плати и други надоместоци“, која била направена на барање на Основното јавно обвинителство за организиран криминал и корупција.
Во ревизорскиот извештај се нотира дека додатоците на плата за 2015 година кои што се предвидени за Јавниот обвинител и јавните обвинители во ова обвинителство, го надминуваат износот на исплатени средства за основната плата по лице.
„Врз основа на извршената ревизија, утврдивме дека остварувањето на правото на плата, точноста на пресметката, евидентирањето и исплатата се во согласност, во сите материјални аспекти, со релевантната законска регулатива и интерните акти. Исто така утврдивме дека освен додатоците на плата за 2015 година, остварувањето на правото на додатоците на плата, точноста на пресметката, евидентирањето и исплатата се во согласност, во сите материјални аспекти, со релевантната законска регулатива и интерните акти. Во однос на остварувањето на правото на другите надоместоци, точноста на пресметката, евидентирањето и исплатата утврдивме дека истите не се во согласност, во сите материјални аспекти, со релевантната законска регулатива и интерните акти“, се вели во соопштението на Државниот завод за ревизија.