МОН: Тестирањето на Националната платформа продолжува

Илустрација

Тестирањето на Националната платформа за учење на далечина, кое почна вчера кога беа најавени над 88 илјади корисници, ќе продолжи интензивно да се одвива и во наредните денови, соопшти Министерството за образование и наука (МОН).

Вчера повеќе илјади граѓани се пожалија дека не успеале да се уклучат на платформата, по што следуваа критики дека платформата паднала уште на првиот тест. МОН смируваше дека нема место за паника кај родителите, бидејќи сето тоа ќе биде средено.

„Тоа придонесе за успешно идентификување и дефинирање на предизвиците кои произлегуваат од оптоварување на Платформата во оваа фаза на нејзина имплементација. Резултатите од тестирањето на терен се целосно сондирани, и е започната оптимизација на ресурсите во сите три кластери на сервери (серверите за базите со податоци, серверите за балансирање на оптоварување и серверите за опслужување на корисниците). Тестирањето продолжува и во текот на денешниот ден. Како резултат на истото, посочуваме дека е возможно повремено да добивате порака за грешка при поврзување со базата, што е очекувано во предметната фаза на тестирање“, се наведува во соопштението од МОН.

Според Министерството, овој процес ќе помогне не само за успешно ставање на Платформата во функција, туку и ќе поддржи изградба на интероперабилност помеѓу различните системи во рамки на Министерството за образование и наука, во насока на ефективно следење на секој ученик во текот на целокупниот процес на негово образование.