Заев: Мешовитата комисија ќе одлучува за Гоце Делчев

Кривични пријави ќе има за компаниите кои нема да ја доделат владината финансиска поддршка на работниците, изјави премиерот Зоран Заев во интервју за ТВ Канал 5. Тој апелираше до компаниите да не ги повторуваат пропустите од претходниот период и работодавачите да ги почитуваат мерките и нивната цел. Со оваа мерка, Заев посочи дека се стимулира враќањето на отпуштените работници и ако тоа го направи некоја компанија ќе се стекне со правото да аплицира за оваа мерка.

Заев на новинарското прашање за вработување во приватен сектор со субвенции по етнички клуч изјави дека тоа е противуставно. Според него, нема газда на приватна компанија кој вработува етнички основ, а субвенционирање ќе има за сите етнички заедници според регионалните потреби.

„ДУИ ќе ги изгуби гласовите ако продолжи со популизам. Кога ја видов изјавата на првиот вицепремиер Артан Груби за субвениционирањето на приватни фирми за вработување по етнички клуч разговарав со него, ми рече грешно сум сватен. Не верувам дека и ДУИ верува дека ќе добие повеќе гласови со таква реторика. На граѓаните им е преку глава од Албанци, Македонци“ изјави Заев.

Во однос на прашањето за добрососедскиот договор со Бугарија, Заев изјави дека мешовитата историска комисија има задача да ги разреши дилемите за историските личности. Прашањето за Гоце Делчев треба да го решава Мешовитата комисија, рече тој.

„ Договорот е двонасочна улица и двете страни имаат обврска. Нашиот исчекор беше прифаќањето на заедничка историја, исчекорот на Бугарија беше двата народи и македонскиот и бугарскиот народ и е потпишана на македонски и на бугарски јазик. Апсолутно идентитетските прашања, ниту една европска земја, ниту влада, ниту политика треба да ги става под прашање. Тоа прашање на самоидентификација, изјави Заев.

Заев посочи дека Бугарија со Договорот си зеде обврска да ја поддржува земјава во евроатлантски интеграции.

„Со Борисов разговаравме за Берлинскиот процес и како тоа да го организираме и како да ги мотивираме европските лидери да ни дојдат, оти одлучивме со физичко присиство да го правиме тоа. Тоа е 10 ноември, а потоа разговарваме и за економијата“, изјави Заев.

Тој посочи дека во телефонскиот разговор со Борисов станало збор и за совладувањето на здравствено-економската криза предизвикана од КОВИД-19 и унапредување на економската соработка.