Државниот секретар на САД, Помпео во посета на Грција

Мајк Помпео, од претходната посета на Грција

Американскиот државен секретар Мајк Помпео, кој од денеска е во посета на Грција, во Солун ќе се сретне со грчкиот министер за надворешни работи Никос Дендиас, а утре на Крит со премиерот Кирјакос Мицотакис, јави МИА од Атина.

Како што соопштија од Стејт Департментот, посетата на Грција е за да се обноват заедничките заложби за унапредување на безбедноста, мирот и просперитетот во Источен Медитеран, но и за одбележување на најсилните американско – грчки односи во последните децении.

Портпаролот на грчката Влада Стелиос Пецас рече дека од посетата на Помпео очекуваат „да се потврди она што повеќе пати беше кажано од американска страна во изминатиот период, односно практична поддршка на грчките позиции на сите нивоа, особено во однос на турски провокации во Источниот Медитеран“.

Државниот секретар на САД Мајк Помпео до 2 октомври ќе ги посети Грција, Италија, Светата столица и Хрватска.