Ерменија прогласи воена состојба и општа мобилизација

илустрација

Ерменските власти денеска прогласија воена состојба и општа мобилизација откако избувнаа нови судири во Нагорно-Карабах меѓу тамошните сепаратисти поддржани од Ереван и азербејџанските сили.

„Во Ерменија е прогласена воена состојба и општа мобилизација. Ги замолувам сите борбеноспособни граѓани да се појават во воените претставништва“, напиша ерменскиот премиер Никол Пашинјан на „Фејсбук“. Тој исто така го повика населението да биде „подготвено да ја брани светата татковина“.

Претходно и властите во регионот Нагорно-Карабах воведоа воено законодавство поради ескалацијата на конфликтот со Азербејџан.

Ерменските медиуми објавија дека претседателот на непризнатата република Нагорно-Карабах, Арајик Арутјунјан, објавил дека е воведено воено законодавство.

Тензиите меѓу Ерменија и Азербејџан ескалираа деновиве пришто се регистрирани судири. Пашинјан изјави дека Азербејџан извршил воздушен и артилериски напад, но ерменските сили возвратиле со уривање на два хеликоптера и три дрона.

Воена состојба во Нагорно-Карабах, судирите ескалираа

Азербејџан соопшти дека Ерменија започнала огромна акција за гранатирање долж линијата на фронтот. Долготрајниот конфликт повторно се разгоре во последните месеци, а во борбите на границата само во јули загинаа 16 лица.

И Ерменија и Азербејџан беа дел од Советскиот сојуз пред тој да се распадне во 1991 година. Тие веќе четири децении се во конфликт околу регионот Нагорно-Карабах, кој е меѓународно признат како дел од Азербејџан, но е под контрола на Ерменците. Последен пат тензиите ескалираа во 2016 година, кога земјите четири дена војуваа за оваа територија.