Македонскиот знаковен јазик за прв пат е достапен на онлајн платформа. Првиот веб речник има и видео објаснување за тоа како се манифестира знакот.
За поголема општествена интеграција на глувите лица објавен е првиот речник на македонскиот знаковен јазик. На платформата „Раце кои зборуваат“ има речник со одреден фонд на зборови за секоја буква од азбуката. А за секој збор има и видео објаснување за како се манифестира знакот. Дополнително, во делот „категории“ може да се дознае како се комуницира за време, секојдневие, граматика, апстракни поими и слично.
„Мотивацијата за создавање на еден ваков речник најнапред потекнува од предизвиците и потребите на глувите лица што ги имаат во комуницирањето со лицата што слушаат од една страна и минималното познавање на популацијата што слуша во Македонија за потребите на глувите лица“, посочуваат од Здружението за глуви и наглуви – Тишина.
„Раце кои зборуваат“ е резултат на долгогодишна соработка помеѓу Здружението за глуви и наглуви – Тишина и Меѓународната фондација Борис Трајковски, во партнерство со фондацијата Сигно од Норвешка.
Оттаму велат дека идејата за еден ваков речник е присутна многу одамна, но поинтензивно започнале да работат од 2007 година, а практичанта реализација започнала во 2018 година.
Видете и ова: Во светот на македонскиот знаковен јазик
„Со објавувањето на овој веб речник очекуваме најнапред заинтересираноста на глувата популација во Македонија ќе биде многу голема заради фактот дека ќе имаат основа за учење на нивниот Македонски знаковен јазик со што тие се повеќе и повеќе ќе се социјално ќе се вклучуваат во македонското општество, ќе се остварат дополнителни услови за образование на знаковни толкувачи кои ќе бидат на услуга на глувата популација како и многу лица што слушаат да започнат да го учат Македонскиот знаковен јазик и ќе го употребуваат кога ќе се во контакт со глуво лице“, објаснуваат од Здружението „Тишина“.