Меѓувладината конференција да се одржи веднаш и без одлагање, бидејќи ова е приликата што ЕУ не смее да ја пропушти, изјави денеска словенечкиот претседател Борут пахор во Скопје, по средбата со македонскиот претседател Стево Пендаровски, со што почна неговата дводневна официјална посета на Северна Македонија.
Меморандумот на Бугарија и изјавите од Софија за можна блокада на преговорите на Северна Македонија во Еу беа главата тема на средбата на двајцата претседатели. Софија достави до ЕУ меморандум со кој бара прашањата како оние за македонскиот јазик и Гоце Делчев да влезат во преговарачката рамка.
Пахор јасно кажа дека конференцијата не смее да се одложи зашто тоа може да доведе до инерција на целиот процес кој потоа би траел долго време, а тоа, напомена, ќе ги загрози интересите на Северна Македонија, на регионот и на ЕУ.
„Мојата посета тука не е случајна, не е случјано ниту времето на посетата. Го избрав зашто сакам како една од 27-те држави на ЕУ да нагласам дека сега е вистинската прилика да не се одложува меѓувладината конференција на Северна Македонија со Европската комисија. Разбирам дека некои соседни држави имаат колебања, но сакам отворено и јасно да кажам дека сега е вистинско време за солидарност меѓу членките на ЕУ и за целата дипломатска вештина да стори се меѓувладината конференција да почне без одложување. Словенија сега не го повикува Брисел да направи чекор, туку сум тука, во Скопје, посебно да кажам само за една држава, зашто сé уште важи индивидуланиот пристап“, рече Пахор на денешната заедничка прес-конференција со Пендаровски.
- Каракачанов: Ќе кажеме НЕ за меѓувладина седница со Северна Македонија
- Заев: Ќе најдеме решение за Делчев
Северна Македонија, потенцираше Пахор, последните години направи толку многу за да ги исполни сите услови на ЕУ, така што сега би било неверодостојно да се одложат билатералните разговори со Унијата.
Неговиот домаќин, претседателот Пендаровски, додаде дека до овој момент не постои официјална позиција на Бугарија со која се бара одложување на првата меѓувладина конференција.
„Сакам да го видам крајот на преговарачкиот процес кој се одвива во ЕУ. Не би ја коментирал почетната преговарачка позиција на Бугарија. Имаме намера периодов да го отвориме комуникацискиот канал со Софија“, рече Пендаровски.