Владините директори и членовите на одборите ќе се бираат на конкурс

Илустрација - Влада на Република Северна Македонија

За директорите на институции кои ќе ги именува Владата и за членовите на Надзорните и Управните одбори ќе биде објавен конкурс, а тие ќе треба да поднесат мотивационо писмо и програма за работа за да може на крајот на нивниот мандат да се оцени што е сработено, соопшти денеска вицепремиерот задолжен за задолжен за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски.

Според него, на тој начин транспарентно и чесно ќе се изберат вистински професионални кадри.

„Тоа е огромна промена која досега за најголем дел од нив не е законска обврска. Зборувам за нови стандарди, нови пракси кои имаме волја да ги воспоставиме. Кога ќе го отвориме тој процес, сигурно дека тоа ќе биде можност за луѓе со капацитет да се вградат во институциите и во овие четири години кога општеството треба да го трансформираме. Тоа што не било направено со генерации, да почнеме да го менуваме“, рече Николовски, одговарајќи на новинарски прашања на денешната прес-конференција во Владата.