Полицаец тепал човек, МВР истражува

Полицијата го утврдила идентитетот на учесниците во настанот и презема мерки за расчистување на случајот, велат од МВР во врска со видео материјалот што денеска беше објавен на социјалните мрежи, а на кое, како што стои, се гледа незаконито и непрофесионално постапување на полициски службеници.

На објавеното видео може да се види дека полициски службеник тепа човек.

Хелсиншкиот комитет за човекови права најостро го осудува ваквото однесување на полициските службеници и за ова ќе поднесе претставка до специјализираното одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања при Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција. Дополнително, од Одделението за внатрешна контрола во Министерството за внатрешни работи, ќе побараме најстрога дисциплинска одговорност за инволвираните полицајци и покренување на кривична постапка, соопштија од Хелсиншки комитет.

„Во оваа прилика изразуваме голема загриженост за зачестеноста на полициската бруталност врз ромската заедница. Инцидентот во Битола се случува само три месеци по полициската бруталност врз бездомни лица-Роми кои живеат под Железничката станица во Скопје. Ромите во земјава секојдневно се соочуваат со системска дискриминација во речиси сите општествени сфери, со континуирани тешкотии во остварување на правата во сите области, а сето тоа се отсликува и во односот на полицијата кон овие луѓе. Полицијата мора да ги санкционира бруталните припадници во нејзините редови и да се осигура дека граѓаните се чувствуваат заштитено од страна на полициските службеници“, стои во соопштението.