Руски извршители му го запленија станот на Навални

Навални излегува од болница.

Руски извршители му го запленија станот на критичарот на Кремљ, Алексеј Навални, откако тој изгуби судски спор. Навални беше обвинет за клевети против бизнисмен со блиски врски со претседателот на Русија, Владимир Путин.

Портпаролката на Навални, Кира Јармиш, денеска на својот профил на социјалната мрежа Твитер објави дека му е запленет станот на Навални. Таа рече дека судските извршители го замрзнале неговиот стан во август за да спречат Навални да го продава, дарува или да го стави под хипотека имотот.

Тужбата за клевета му беше поднесена од компанија што доставува храна до училиштата во Москва. Во октомври минатата година, Судот во Москва нареди Навални и адвокатот на неговата организација да платат отштета од 1,15 милиони долари на компанијата.

Навални на 20 август се разболе за време на летот од градот Томск во Сибир. Подоцна беше пренесен во болница во Берлин, каде лекарите рекоа дека е отруен со воениот нервен гас од групата Новичок, хемиско оружје од советско производство. Активистот излезе од кома и вчера беше отпуштен од болница . Тој продолжува да се опоравува во Германија.