Рангелова - Со Мицкоски да се пресметаме „очи во очи“

Пратеничката Даниела Рангелова пред Суд по одложувањето на рочиштето за „Насилство во Центар“, архивска фотографија.

Поранешната пратеничка од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Даниела Рангелова, откако Обвинителството го повлече обвинението против неа за насилствата пред Општина Центар, рече дека сега која ја докажала правдата, може, како што вели, слободна да се пресмета со тие што ја обвинувале.

„Да не бев во овој обвинителен акт ќе можев многу послободно да делувам во изминатиот период, бидејќи бев обвинувана дека ќе се пазарам“, изјави Даниела Рангелова.

Прашана дали очекува напад од поранешните сопартијци, Рангелова рече дека не очекува, туку дека и честитале и има и пораки, бидејќи тие знаеле дека нема никаква вина.

„Не сум поддржувала насилство, тоа се докажа и во овој предмет, жал ми е што требаше четири години да се докажуваме. Со овие аргументи сега излегува токму спротивното од она што го тврдеа Мицкоски и компанија и сега можеме да се пресметаме на еден дуел доколку цени дека треба да имаме дуел. Можеби не се чувствува достоинствено да излегува со некој бивш функционер од партијата без оглед на моето партиско искуство би сакала очи во очи да се пресметаме кој одработува за оваа власт, дали ние или тој“, изјави Рангелова.

На денешното рочиште во предметот „Насилство во Центар“ во Кривичниот суд во Скопје, обвинителката Фатиме Фетаи го повлече обвинението за обвинетите Даниела Рангелова, Борче Богдановски и Милан Андоновски. Случајот „Насилство во Центар“ е за поттикнување на насилството на протестите пред Општина Центар во јуни 2013 година.