Повлечено обвинението за Рангелова и уште двајца за „Шамари во Центар“

Архивска фотографија - Поранешната пратеничка на ВМРО-ДПМНЕ, Даниела Рангелова, пред Суд по одложување на едно од рочиштата за „Насилство во Центар“

На денешното рочиште во предметот „Насилство во Центар“ во Кривичниот суд во Скопје, обвинителката Фатиме Фетаи го повлече обвинението за обвинетите Даниела Рангелова, Борче Богдановски и Милан Андоновски.

Обвинети во предметот остануваат поранешниот премиер Никола Груевски, поранешниот министер Миле Јанакиески, Александар Трајковски и уште неколкумина. Според Обвинението, тие се товарат за поттикнување на насилството на протестите пред општина Центар во јуни 2013 година. Подоцна, во една од објавените снимки од прислушуваните разговори, СДСМ тврдеше дека се слуша гласот на екс-премиерот Груевски како наводно вели: „Нека им удри неколку шамари, тоа не е кривично дело“, по што случајот во јавноста беше наречено „Шамари во центар“.

На денешното судење за овој случај завршен збор ќе има Обвинителството, а потоа и обвинетите и нивните адвокати. Судењето за овој предмет почна на 12 декември 2016 година.