Денеска во граѓанскиот суд во Скопје почна подготвително рочиште во кое што шефот на Јавното обвинителство за организиран криминал и на корупција, обвинителката Вилма Русковска ги тужи ВМРО-ДПМНЕ како политичка партија и Коалицијата „За обнова на Македонија“, Игор Јанушев како овластен претставник на Коалицијата и Христијан Мицкоски како претседател на партија ВМРО-ДПМНЕ. Таа поведе постапка поради двата предизборни спота на партијата во која е преставен нејзиниот лик како некој кој работи по нарачка на владејачкиот СДСМ.
На денешното рочиште беа презентирани дел од доказите на Русковска, а по него правниот застапник на ВМРО-ДПМНЕ Панче Тошковски рече дека две работи за важни за нив поради кои сметаат дека тужбеното барање во целост е неосновано.
„Тоа е заштитата на членот 10 од Европската Конвенција за човекови права, слободи и права, односно потребата од почитување на правото за слободно изразување на мислата. Особено на критичката мисла која што е насочена кон работењето на државните органи и на власта во Република Македонија. Се поставува прашање што е побитно? Дали јавниот интерес, дали потребата граѓаните да бидат информирани, потребата на граѓаните на Република Македонија да можат да постават одредени прашања во саркастични и провокативна форма?И воедно заштитата на членот 10, или заштитата на приватната репутација на еден јавен функционер која што патем е платена од пари на граѓаните на Република Македонија, извршувајќи ја функцијата како што ја извршува обвинителката за организиран криминал“, рече Тошковски.
Обвинителката Русковска во септември најави дека ќе поднесе тужба до ВМРО-ДПМНЕ бидејќи нејзиниот лик бил употребен во предизборните спотови, како што вели, во негативна конотација, односно како личност „која е извршител на власта“.Таа бара отштета од 10.000 евра кои, ако ги добие ќе ги даде во хуманитарни цели, односно ќе ги донира на СОС Детското село.