Пендаровски за Делчев- она што не дели, треба да не спојува

Архивска фотографија- претседателот Стево Пендаровски

Претседателот Стево Пендаровски денеска, по средбата на Советот за безбедност, одговарајќи на новинарско прашање поврзано со револуционерот Гоце Делчев рече дека тој е историска фигура, која ги надминува регионалните граници. Тој додаде и дека, поради тоа, не е спорно која било држава да ги слави и чествува ликот и делото на револуционерот.

„Она што навидум не дели, треба да не спојува. Јас мислам дека тој е македонски револуционер, кој е еден од најзаслужните за македонската држава која стана вистина, која се оствари по 1944 година. Меѓутоа тоа што тие тврдат дека тој е Бугарин, се борел за бугарската кауза, е за мене неспорно. Секој има право тоа да го брани. Зошто тоа би било проблем, не во однос на евроинтеграциите, генерално како народи, како граѓани, не гледам проблем ако ти го сметаш некого за јунак да го чествуваш и ти, и тоа не мора да биде исклучиво “, вели Пендаровски.

Претходно денеска премиерот Зоран Заев рече дека Гоце Делчев е македонски револуционер, но додаде дека е факт оти Бугарите го сметаат за бугарски револуционер. Тој најави дека ќе се најде решение и за ова прашање.

Инаку околу револуционерот запнаа разговорите и во македонско-бугарската заедничка мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања која последниот состанок го одржа лани, а сега нов се најавува за следниве недели.

Прашањето за македонскиот јазик и за македонската нација се дел од меморандумот на Бугарија до ЕУ, кој официјална Софија бара тоа да влезе во преговарачката рамка на Унијата со Северна Македонија, оти во спротивно може да стави вето на проширувањето. Според Германија, таа и другите земји-членки на ЕУ, нема да дадат поддршка за овие барања на Софија.