ИЈЗ- Зголемен бројот на заболени и починати од Ковид19

Илустрација- тест за коронавирус

Министерството за здравство соопшти дека согласно извештајот на Институтот за јавно здравје кој се однесува на периодот од 14 до 20 септември, тестирани се вкупно 9.661 материјали во лабораториите во кои се спроведува молекуларно тестирање за присуство на SARS-CoV-2, и регистрирано е зголемување од 15,7 отсто во однос на минатата недела. Регистрирани се вкупно 951 позитивни случаи од 29 градови во државата.

Најголем дел од регистрираните случаи се од Скопје, а највисока неделна инциденца е регистрирана во Кочани. Во истиот период, во 16 града, бројот на новодијагностицирани е под 20. Кога ќе има вакцина против Ковид 19 за сите? Процентот на позитивни случаи од тестирани изнесува 9,8 отсто или 1,4 отсто повеќе во однос на претходната недела.

Регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи. Најзастапена е возрасната група на лица на возраст над 60 години, голем број заболени се регистрира и кај лицата од 50 до 59 години, а најмал број е регистриран кај децата од 0-9и од 10 до 19 години. Од случаите кои се епидемиолошки истражени регистрирани се 80 односно, 8,4 отсто хоспитализирани што е намалување од 37 отсто споредено со минатата недела. Од вкупниот број нови случаи во периодот од 14 до 20 септември, 313 (32,9 отсто) имаат контакт со потврден случај. Регистрирани се 33 лица со историја на патување во последни 14 дена.

Пријавени се 48 смртни случаи, 21 повеќе од минатата недела. Инаку според резултати до вчера во земјата се направени вкупно 177.635 тестирања на ковид -19, вкупната бројка на ковид дијагностицирани од почетокот на епидемијата изнесува 16867, бројката на оздравени пациенти е 14084, на починати е 705, а во моментов бројот на активни случаи во земјата изнесува 2078.