Извршниот комитет донесе одлука за именување на Владимир Нелоски за нов претседател на Градскиот комитет Скопје на ВМРО-ДПМНЕ, а Тимчо Муцунски и Владимир Ѓорчев за меѓународни секретари, соопшти денеска центарот за комуникации на опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
Според партиското соопштение, Иванка Василевска e назначена за координатор на централните комисии, а освен за претседател на ОК на партијата за Велес, каде е именуван Игор Здравковски, партијата ќе распише оглас за избор на нови претседатели на повеќе општински комитети.
Завчера ВМРО-ДПМНЕ избра нов Извршен комитет на партијата, како дел од најавените кадровски промени. Беше донесена и одлука за вонреден конгрес, на кој, според лидерот на партијата христијан Мицкоски, тој не сакал да се кандидира за нов претседателски мандат, но неговите сопартијци од раководните тела не му го дозволиле тоа.
„Извршниот комитет изрази загриженост за состојбата во Република Македонија со корона пандемијата, за која се констатираше дека е алармантна и актуелната Влада потфрли во секој поглед. Извршниот комитет уште еднаш констатираше дека СДСМ и Зоран Заев вршат неправди, реваншизам и насилство од мафијата предводена од Заев врз сопствениот народ и со тоа ја потврди одлуката за денешниот протестен собир за искажување на револт кон актуелната власт. Мафијата на Заев донесе насилство, прогон, криминал и корупција, а граѓаните ги доведе до раб на сиромаштија“, се вели во денешното соопштение од ВМРО-ДПМНЕ.