Помалку станари во студентските домови, надомест за оние за кои нема место

Илустрација - Соба во студентски дом „Гоце Делчев“ во Скопје

Државниот студенски дом (ДСД), денеска соопштија дека студентските и средношколските домови ќе се отворат, но ќе работат по посебни протоколи и ќе има редуциран број станари во собите. Според ДСД, во двокреветна соба ќе може да биде сместено само едно лице, а во соба со повеќе од два кревета, максимум две лица.

ДСД информираше дека до Собранието ќе биде доставен Предлог за измени на законите за студенски стандард и за ученички стандард со кои се предвидува да им се исплаќа месечен надомест на оние студенти и средношколци на кои им се одобрени барањата за сместување, а кои не ќе можат да се сместат во домовите поради намалениот број сместувачки легла.

„На оние студенти/средношколци на кои им се одобрени барањата за сместување, но заради намалениот број на сместувачки легла не може да се сместат во студентски дом, да им се исплаќа месечна сума на средства за покривање на трошоците за приватно сместување, односно месечна сума на средства за покривање на трошоците за превоз од местото на живеење до местото во кое се одвиваат студиите, за чија висина одлучува Владата на Република Северна Македонија“, соопштија од Државниот студенски дом.

Тие ги повикуваат студентите и учениците да се пријавуваат на интернет платформата www.digitalizirajse.mon.gov.mk, за да ги внесат потребните податоци, по што ќе им се исплаќаат средствата за времетраење на овие измени.