Гоце Делчев е македонски револуционер, но факт е дека Бугарите го сметаат за бугарски револуционер, изјави денеска премиерот Зоран Заев, одговарајќи на новинарски прашања на прес-конференцијата по средбата со новиот евроамбасадор во Северна Македонија, Дејвид Гир.
„Ние го имаме Делчево, град кој го носи името на револуционерот, Бугарите го имаат градот Гоце Делчев, а негови споменици има насекаде. Заедно се поклонивме со премиерот Бојко Борисов и на споменикот на Делчев во Благоеврград и на гробот на Гоце Делчев во Скопје”, рече Заев и додаде дека за овие прашања ќе се најде решение.
Прашањата како тие за македонски јазик и македонска нација се дел од меморандумот на Бугарија до ЕУ, во кој официјална Софија бара тоа да влезе во преговарачката рамка на Унијата со Северна Македонија, оти во спротивно Бугарија може да стави вето на проширувањето. Според Германија, таа и другите земји-членки на ЕУ, нема да дадат поддршка за овие барања на Софија.
Според премиерот Заев, во историските личности треба да гледаме можност за зближување.
„Ако ги избегнуваме историските моменти, ги ставаме под тепих и не разговаравме за нив, тоа не е добра европска иднина на Западниот Балкан. Затоа имаме договор да ги решиме овие прашања”, додаде Заев.
За прашањето за Гоце Делчев, како што најави денеска Заев, ќе разговара на средбата со Борисов која очекува да се случи пред 10 ноември во Софија, непосредно пред софискиот Самит на Берлинскиот процес со кој копретседаваат Бугарија и Македонија.