Претставничкиот дом на САД вчера усвои привремен предлог-закон за буџет за да се избегне затворање на владата, само шест недели пред изборите закажани за 3 ноември. Домот гласаше со 359-57 за мерката, откако демократите постигнаа договор со Белата Куќа и републиканските пратеници.
Спикерот на Претставничкиот дом Ненси Пелоси, членка на Демократската партија, изјави дека е постигнат договор со министерот за финансии, за да се спречи затворање на големи делови од владата по крајот на фискалната година, на крајот на септември.
Текстот сепак мора да биде усвоен од Сенатот и потпишан од претседателот Доналд Трамп. Предлог-законот се очекува да биде усвоен од Сенатот предводен од републиканците пред да истече владиното финансирање на 30 септември, бидејќи ниту една партија не сака затворање на владата толку блиску до изборите и среде пандемијата на коронавирусот.