Заев до Вартoломеј: МПЦ-ОА заслужува автокефалност

Архивска фотографија: Премиерот Зоран Заев во придружба на Оливер Спасовски на средба со Вселенскиот Патријарх г. г. Вартоломеј во седиштето Цариградската Патријаршија. 13.01.2020.

Премиерот на Северна Македонија Зоран Заев испрати писмо до поглаварот на Цариградската патријаршија Вартоломеј, во кое наведува дека православниот народ во земјава заслужува црковна независност и автокефална Македонска Паравославна Црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА), соопшти вечерва владината прес служба.

„Го почитуваме сето она што е одредено од меѓународните договори и состојби. Но, бараме да бидеме слободни и црковно во рамките на границите на нашата земја и нашите архиереи да сослужуваат со архиереите од сите православни цркви во светот“, наведува Заев во писмото.

Инаку, барањето за признавањето на автокефалноста на МПЦ-ОА доаѓа бидејќи Српската православна црква (СПЦ) со години го блокира признавањето на Македонската православна црква.

Пред два дена, на 20 септември оваа година, и претседателот на државата Стево Пендаровски му пиша писмо на патријархот на Цариградската патријаршија Вартоломеј во кое бара тој да го употреби своето апелационо право за македоснките граѓани од православна христијанска вероисповест „конечно да ја добијат можноста да бидат еднакви со сите останати православни христијани во светот.“

Пендаровски од Вартоломеј бара македонските православни христијани да бидат еднакви со другите во светот

Пендаровски во писмото го информираше Вартоломеј дека државата во изминатите три години решила да ги „остави зад нас“ историските несогласувања.

Заев во денешното писмо до Вартоломеј, како што се вели во владиното соопштение, се навратил на нивната средба во Истанбул на која била побарана негова асистенција и заложба МПЦ-ОА да биде признаена како автокефална црква и да биде примена во заедницата на помесните цркви.

Во изминатите неколку декади по распадот на Југославија имаше повеќе неуспешни обиди преку преговори да биде решен црковниот спор меѓу Македонија и Србија. Некои од последните вакви обиди се случија пред неколку години.

Во однос на писмото на претседателот Пендаровски до Вартоломеј, шефот на српската дипломатија Ивица Дачиќ вчера изјави дека Македонија не треба да бара заобиколни патишта за признавање на МПЦ.