Непочитувањето на протоколите и недисциплината се главните причини за зголеменото ширење на коронавирусот во Северна Македонија и затоа се размислува за засилување на мерките и посилни контроли, најави денеска министерот за здравство, Венко Филипче.
„Наша цел и стратегија е навремено воведување на мерки кои директно ќе влијаат на сузбивање на ширењето на вирусот. Целта е да се избегнат евентуални рестрикции на движењето или мерки коишто повторно би ја закочиле економијата и целосно би не затвориле во нашите домови, но ако биде нужно секако дека ќе го направиме“, рече министерот Филипче на денешната прес-конференција и ги повика граѓаните, но и бизнисмените, особено во угостителството, строго да ги почитуваат заштитните мерки.
Детали за новите мерки министерот најави за следните денови, но откри дека веројатно ќе се донесе одлука за задолжително носење маски и на отворено, дека ќе се ограничи бројот на гости по маси во угостителските објекти, засилена контрола и казни за семејни прослави, како и евентуално намалување на капацитетот на јавниот превоз.
Филипче нагласи дека во моментов нема показатели за такви мерки, но оти ќе бидат воведени ако во некое место се утврди неконтролирано ширење на вирусот.