Шефот на српската дипломатија, Ивица Дачиќ, денеска, по повод барањето на македонскиот претседател Стево Пендаровски до Вселенскиот патријарх Вартоломеј да ја признае Македонската православна црква (МПЦ-ОА), изјави дека постои начин да се разговара за тоа и оти „попречните патишта“ не придонесуваат за добрите односи меѓу двете земји, вали МИА од Белград.
„Ние сакаме да биде постигнат договор, но сигурно мора да ги почитуваме правилата на православната црква, а исто така очекуваме и од Васеленскиот патријарх да биде на таа страна, како што се изјасни против создавањето на т.н. Црногорска православна црква“, изјави Дачиќ, одговарајќи на прашања на новинарите во Белград.
Претседателот Стево Пендаровски му пиша писмо на патријархот Вартоломеј и од него побара да го употреби своето апелационо право, со што македонските граѓани од православна христијанска вероисповед, конечно, ќе ја добијат можноста да бидат еднакви со сите останати православни христијани во светот.
Српскиот весник „Вечерње новости“, со наслов „Удар на СПЦ од Скопје: провокација наместо дијалог“, пишува дека барањето упатено до седиштето на Вселенската патријаршија во Истанбул „е нова иницијатива на Скопје надвор од древните правила во православието за постигнување независност на својата црква, која од нејзиното основање во 50-тите години од минатиот век работи како расколничка организација“, јави МИА.