Преродба на Денови на македонска музика

Од концертот „Генерации“ на Биг бендот на ЗЏМ со кој започнаа 43. ДЕнови на македонска музика фото: Зденко Петровски

Под мотото „Љубов во време на колера, музика во време на корона. Бидете присутни!“, во тек е првата од планираните две сезони на концерти од 43-то здание на фестивалот Денови на македонската музика. Прво по долго време со нов, свеж и сегашен концепт.

Во времево на живот „под маски“, на дистанца, малку кој очекуваше дека на домашната културна сцена, каде патем општо познато е дека „насловната страница“ политиката поодамна ја има претворено во „поле за пазарење“, може да и се случи преродба на една манифестација. Фестивал. Посебно ако се знае дека добар дел од постојните, високо позиционираните на списокот на дотирани, принудно се „трансформираа“ и талкаат помеѓу пожелуваното и возможното. Притоа крпејќи програма која треба да биде повеќе оправдување на потрошените средства и доказ дека „традицијата продолжува“ отколку промислена целина која сама по себе треба да го предизвика вниманието на публиката.

Симона Гајдова и Дариа Андовска на отворањето на 43. Денови на македонска музика фото: Зденко Петровски

Арно ама изгледа дека и не е така. За среќа, ги живееме 43-те Денови на македонска музика кои само и со половината од концертите на т.н прва сезона докажуваат дека можело и поинаку. Дека треба да се има здрава идеја и упорност да се истрае на сопствениот, поинаков. модерен концепт. Нов концепт. Него во случајов за стожерната манифестација на Сојузот на композиторите на Македонија и една од темелните на домашнава современа музичка сцена го потпишуваат Дарија Андовска и Симона Гајдова, композиторки и уметнички раководителки на случувањето. Тие несомнено прифаќањето на одговорната задача не го сфатиле како „признание“ од колегите и Сојузот, туку како можност да му дадат дел од својот сензибилитет и уметничка енергија. Да го сторат да биде слика и прилика на нивната генерација, но и да го чествуваат творештвото на оние кои оставиле неизбришлива трага во македонското музичко творештво. Уште повеќе да биде така „спакувано“ што неминовно ќе им влезе под кожа на поширокиот круг љубители кои едноставно ќе ги изгубат од вид „академската супериорност“ и условно земената „здодевност на класиката – што и воопшто да значи тоа“... Згора и да стокмат навистина квалитетен избор на музика, да се „отворат“ кон актуелното творештво и да не ги заборават македонските автори и изведувачи расеани околу чии исчекори се значајни камчиња од мозаикот на домашната, а зошто и да не на светската звучна понуда. Значи, да започнат со ткаење на една поинаква, своја несомнено „преродбеничка“ приказна. И, да ја раскажуваат уверливо и гордо. Онака како што им прилега на нивната систематичност, познавање, смелост и незапирлива енергија.

Пијанистот Гордан Спасовски и композиторот и диригент Владимир Николов на концертот „Генерации“ фото: Зденко Петровски

А, во прилог на ова несомнено говорат т.н „драјв-ин“ концерт „Генерации“ кој се одржа на отворањето на 43. Денови на македонска музика на 14 септември и потем неколкуте што следуваа од првата сезона. И, кога сме веќе тука на ова досега единствено случување во регионот одржано на паркингот пред спортската сала „Борис Трајковски“, каде публиката можеше на неколку фреквенции да го слуша звукот на радио приемникот во својот автомобил и да го следи она што се случува на сцената или на видео екраните, да кажеме дека беше круна на засилената летна активност на Биг Бендот на Здружението на џез и слободни уметници. Со него, по концертите на Скопско и Охридско лето, овој зрел колектив не само што умешно ја потполнува испразнетата позиција на домашнава сцена туку и се воздига во зрел ансамбл кој успешно ќе се справува со натамошните програмски предизвици. Впрочем, посегањето по творбите на македонските автори како Илија Пејовски, Живоин Глишиќ, Владимир Николов, Иван Петровски, Гоце Стевковски, Гордан Спасовски, Трајче Велков, Александар Пејовски, Владимир Ботев и Тони Китановски, говори и за заокружување на една вибрантна жанровски богата сцена која неминовно има што да понуди. Ако притоа, пак, биде кажано дека тие во Скопје од Белград ни го „вратија“ како диригент и автор Владимир Николов, чии исчекори се бележити не само на тамошната, туку и на интернационалната сцена, тогаш задоволството е двојно поголемо. И позначајно.

Битолски камерен оркестар со „Медитерански приказни“ на композиторот Љубомир Бранџолица фото: Зденко Петровски

Кон ова, несомнено за паметење и долго прикажување останува и “Медитерански приказни“, авторскиот концерт посветен на творештвото на реномираниот композитор Љубомир Бранѓолица со Битолскиот камерен оркестар, раководен од енергичниот Владимир Димовски и солистите Татјана Петрушевска на обоа, Марјан Милошевски на фагот и саксафонистот и кларинетист Стојан Димов, одржан веќе наредниот ден во прекрасниот амбиент на Сули ан. Тука се „Сонатни асови“, сонатна вечер на која настапија виртуозните Дуо Кировски, Нинослав Димов, Маја Поповиќ, Верица Дивитарова, Владимир Костов и Марија Вршкова, а изведуваа дела од Вања Николовски-Ѓумар, Благој Цанев, Властимир Николовски и Гоце Коларовски и како круна на првата недела вечерта насловена како „МКалеидоскоп“, која даде пресек на многу авторски генерации ( од Јана Андреевска, преку Вулнет Таири, Валентина Велковска, Томислав Зографски, Гоце Коларовски и се до Властимир Николовски и Стојан Стојков), но и широк спектар на врвни изведувачи, како пијанистките Даница Стојанова, Ема Попивода и Елена Атанасовска Ивановска, сопранистката Наташа Миха - Пух, Даниел Апостолов на фагот и баритонот Горан Начевски. Вечерва, пак, во Музеј на македонска борба, одекнаа моќните уметнички гласови на Билјана Камчева- флејта и вокал и Ана Гацева- пијано. Тие на концертот насловен „Професори-студенти“ посегнаа по творештвото на Андовска, Андреевска, Бојана Петровиќ, Пандевска, Велковска-Трајановска, Коларовски, Зографски и Николовски, водејќи ја публиката до чистата и длабока емоција.

Пијанистката Даница Стојанова на концертот „МКалеидоскоп“ фото: Зденко Петровски

Во наредниве денови во истиот простор е планиран „Омаж на проф.д-р Томе Манчев“, потем во Јавна соба треба да се случи програмската целина „Запознајте го композиторот“ каде на Бранка Костиќ Марковиќ гостин ќе и биде професор Стојан Стојков, а во четврток на 24 септември во Големата сала на Филхармонија е предвидено доделувањето на наградите на СОКОМ и потоа концертот „Графитациски бранови“ на кој Гудачкиот оркестар под раководство на маестро Сашо Татарчевски и со Горан Начевски како солист ќе изведе дела на Тома Прошев, Ристо Аврамовски, Панде Шахов и Михаило Трандафиловски. Конечно, првата сезона ќе биде заокружена со концертот „Моно-дија-лог“ на кој гостите, францускиот ансамбл СОЛИПС, во Музеј на македонската борба, ќе свири дела од Едисон Денисов, Тори Текемитцу, Лорен Шер, Жан-Кристоф Розаз и нашите Ана Пандевска, Томислав Зографски, Живојин Глишиќ и Јане Коџабашија.

Кон ова, селекторките на 43. Денови на македонска музика најавуваат не помалку интересна концертна втора „сезона“, што подразбира дека ако, не дај боже, повторно не бидеме натерани во тишина со она препорачливо и оправдувачки „остани дома“, тогаш без било каква резерва констатацијата дека ни се случува „фестивалска“ преродба во доба на Ковид-19, останува на снага. Дури таа автоматски се претвора во обврска која ќе мора да се правда. Во вакви или, да се надеваме, многу по благо пријатни околности. Со Андовска или Гајдова или некои идни уметнички раководители на манифестацијата.