Османи - Меморандумот на Бугарија отстапува од принципите на Договорот

Бујар Османи, министер за надворешни работи.

Министерот за надворешни работи Бујар Османи вели меморандумот што Бугарија го испрати до членките на ЕУ отстапува од принципите на кои се заснова Договорот. Бугарија испрати меморандум со кој може да се блокира интеграцијата на Македонија во ЕУ.

„Можам да изразам жалење, бидејќи отстапува од принципите на кои се заснова Договорот за добрососедство со Бугарија, чија цел беше токму тоа, да се создадат рамка и инструменти за да се надминат разликите кои што постојат меѓу двете земји, за одвојување на политичките од историските прашања“, вели Османи.

Министерот вели дека имаат стратегија и дека ќе ги прани националните и државните интереси.

„Ги имаме црвените линии на бранење на нашите национални и државни интереси и цврсто стојам на бранење на тие интереси“, изјави министерот на денешната прес-конференција на која ги презентираше мисијата на Министерството во следните четири години.

Министерот Османи вели дека комуницирал со својата колешка од Бугарија Екатерина Захариева и дека се договориле разликите да ги стават во рамката и да ги интензивираат разговорите на највисоко ниво. За историските комисии, Османи вели дека треба да продолжат со работа ослободени до стегите на политиката. Османи вели дека прашањето на идентитетот произлегува од правото за самоизјаснување и самоопределување на народите и тие не се дел од билатерални спорови.

И Германија, која во моментов претседава со ЕУ смета дека билатералните проблеми не треба да се во преговарачката рамка. Нивната амбасадорка во земјава, Анке Холштајн во интервју за РСЕ порачува дека во суштински интерес на Бугарија е да не се блокира овој процес.

Османи рече дека планира со опозицијата да има отворена и директна соработка, но доколку идејата за соработка е искрена. Опозицијата во вторникот протестираше за обрана на Гоце Делчев, а кој запнаа преговорите меѓу историските комисии на двете земји.