Филипче - Се прават анализи за зголемените бројки на ковид-19

Ковид-19

Се прават анализи за причините кои довеле до зголемување на бројот на заразени и на починати од ковид-19, соопшти министерот за здравство, Венко Филипче. Тој вели дека следната недела ќе се знаат причините и врз основа на тоа ќе се одлучи дали да се преземат дополнителни мерки. Министерот одговарајќи на прашање за зголемените бројки на заразени и починати во последните денови, рече дека во последните три дена е зголемен бројот на починати како последица на ковид-19

„Претходно процентот беше 6,5, сега е некаде 8. Правиме анализа, не сакаме да дозволиме да имаме преполни болници. Таа анализа ќе заврши на почетокот на следната недела и ќе можеме да кажеме на што се должи и дали треба дополнително нешто да се преземе. Онаму каде што има пораст, факт е дека превентивните мерки не се почитуваат“, рече Филипче.

Министерот вели дека според неговите информации во последните 24 часа починале уште пет пациенти од ковид-19. Неделава се зголеми бројот на починати, а во вторникот беа регистрирани девет смртни случаи од ковид-19.

Нови 144 заболени и 8 починати од ковид-19

Министерот Филипче заедно со други владини претставници денеска беше во посетата на болницата за гинекологија и акушерство „Мајка Тереза“ во Чаир, по повод завршување на проектот за гасификација на установата.