Учебната 2020-2021 година ќе се одвива преку Националната платформа за онлајн учење, која е инклузивна, едноставна за користење и нуди учење на пет јазици, таа е практична, лесна за користење и го доближува образованието и наставните содржини до учениците на каналите кои тие секако често ги користат, изјавија денеска премиерот Зоран Заев и министерката за образование и наука, Мила Царовска, на заедничка прес-конференција. Национланата платформа за учење од далечина е резултат на соработка на МОН, Факултетот за информатички науки и компкутерско инжинерство и МАСИТ.
Тие појаснија дека ученикот преку компјутер или телефон ќе може да ја гледа училницата и наставникот и ќе може да ги користи сите поставени аудио и видео материјали на платформата и да ги изработува домашните задачи, а наставата нема да биде здодевна и ќе има брзи квизови, тестови и други иновативни содржини. Обуките за користење во прво ниво опафтиле 30 национални обучувачи, во второ ниво се опфатени 1 600 наставници номинирани за училишни обучувачи и тие понатаму ќе треба да ги обучат сите наставници на ниво на поедини училишта.
Премиерот Заев ги повика сите и наставниците и родителите да го поддржат процесот, а на децата им порача да ги зграпчат сите можности, зошто доброто образование гради слободни граѓани.
Министерката Царовска рече дека периодот што следи нема да биде лесен ниту за професиорите, ниту за родителите, ниту за учениците и дека промените се секогаш тешки и прилагодувањето бара огромна жртва од сите. Во врска со комбинираниот пристап на настава што го избра Владата, Царовска рече дека „ќе обезбеди добар баланс меѓу обезбедување на добро образование и заштита на јавното здравје“.
„Учениците ќе може да предлагаат надоградување и менување на платформата и со тоа директно ќе се вклучуваат во изработка на решенија што тие ги сметаат за прилагодени на нив. Платформата ќе овозможи учениците и просветните работници заедно да го унапредуваат нашети образование не само за сега, туку и за иднина“, изјави Царовска.